„Прекинот или застојот во преговорите значи и прекин и застој на економскиот раст и растот на платите, пензиите и животниот стандард. Тоа го гледавме 11 години. 11 години најниски минимални плати, најниски пензии и само гол популизам“ рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски при отворањето на изборен штаб во Кисела Вода.
Тој додаде дека на овој народ и на оваа држава не му треба тоа, бидејќо нема нови години за губење.
„Имаме историска шанса да продолжиме по европскиот пат за полноправно членство во ЕУ до 2030 година. Ова ќе биде пресудна година за остварување на оваа државничка цел. Ќе биде пресудна бидејќи сега ќе зависи дали ќе продолжиме или пак ќе заглавиме во изолација. Јас ви ветувам дека и 2024 ќе биде успешна и 2028 ќе ги завршиме преговори и до 2030 година ќе се ратификува нашето членство во ЕУ“ рече Ковачевски.
Тој напомена дека „Во ДПМНЕ гледаме дека нема никаква промена. Едно исто, тоа е истата партија од минатото не се померени ниту милиметар. Нема програма, нема политичка понуда, нема идеа, нема став, не знаат за што се залагаат, само се нешто против. Светски феномени се за немање став“.
Додаде дека тоа отсуство на став, на политика се гледа последните години бидејќи за ниту едно важно прашање, државно, национално, ДПМНЕ немаше став, туку само кочеше и блокираше.
„Тоа го гледаме и деновиве. Се заплеткаа самите не знаат што да прават со себе а не со државата. Ги гледаме нивните градоначалници, за 2 години ниту еден проект не реализираа. Гледаме каков хаос се случува во Скопје. Не само што нема капитални проекти, не само што нема развој, нема елементарен градски превоз“ рече Ковачевски.
Претседателот на СДСМ додаде дека градоначалникот на Кисела Вода е можеби најактивен со Фејсбук постови, но на терен нема ништо сработено.