Премиерот Димитар Ковачевски, упати писмо со честитки за најголемиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, до поглаварот на МПЦ-ОА, до Светиот архиерејски Синод, свештенството и монаштвото на МПЦ- ОА и до сите верници кои денеска го чествуваат празникот.
„Победата на животот над смртта што ја симболизира Велигден, е силна порака за успехот на храбрите одлуки, кога се носат со искрена верба во заедничкото добро.
Во овие времиња на војна на европскиот континент и на светска економска и енергетска криза, повеќе од потребна е обновата на гласот на совеста кај секого и издигнување над лични интереси, со цел заедно да ги осигураме просперитетот и перспективите на сегашните и идните генерации.
Како што покажува и овој празник, исправниот пат ја искушува вербата, за да ја зацврсти волјата со којашто единствено можно да се постигнат колективниот мир и благосостојба.
Честит и вековит да е празникот на Христовото Воскресение – Велигден!“, се вели во писмото на Ковачевски.