Министерството за внатрешни работи и Обвинителството на најпрофесионален начин, на најврвно и посветено ниво успеаја да ги идентификуваат сторителите на убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски и тие ќе бидат изведени пред казната, изјави денеска по лидерската средба премиерот Димитар Ковачевски. Според премиерот, за вакво грозоморно дело и злосторство следуваат највисоки казни.
Одговарајќи на новинарско прашање околу случајот со убиството на девојчето Вања, Ковачевски потенцираше дека излагањата на министерот за внатрешните работи Оливер Спасовски и јавниот обвинител Гаврил Бубевски покажуваат оти се работи за изолиран случај на криминалци кои треба најжестоко да бидат казнети, согласно македонското законодавство.
„Не би сакал да го повторувам тоа што во детали го објаснија и министерот за внатрешни работи и јавниот обвинител, меѓутоа сметам дека според начинот на кој што објаснија со сите детали, експлицитно кажува дека се работи за изолиран случај на злосторници, криминалци, кои треба најжестоко да бидат казнети согласно македонското законодавство“, рече Ковачевски.
Тој се заблагодари на медиумите, но и на членовите на специјалниот тим кој беше формиран во МВР, за расветлување на двете убиства.