Премиерот Димитар Ковачевски, во интервју за најновиот број на неделникот „Фокус“, оценува дека двојното убиство на Панче и Вања претставува незапамтен трагичен настан. Тој ја пофали реакцијата на надлежните институции. Притоа, порачува дека безбедносната состојба во државата е стабилна.
Разговараше: Влатко СТОЈАНОВСКИ
ФОКУС: Се случи еден незапаметен трагичен настан и грозоморно злосторство во кое беа убиени старец и девојче. МВР брзо го реши случајот, но опозицијата обвинува за низа пропусти и најавува дека ќе презентира сериозни информации на оваа тема.
КОВАЧЕВСКИ: Точно, незапамтен трагичен настан… Јас, но и целата јавност, сите сме згрозени од овој монструозен чин. Надлежните институции покажаа дека се на ниво на задачата. Се потврди професионалноста на нашите истражни органи, на обвинителството кои што темелно и без никакво влијание постапуваат во овој и во сите други случаи.
ФОКУС: Како го коментирате фактот што за главниот осомничен се воделе повеќе судски постапки и моментално има активна кривична пријава, бил фатен и со оружје, но шетал на слобода, учествувал во политичкиот живот и креирал јавно мислење? Дали, според Вас, затаиле институциите?
КОВАЧЕВСКИ: Според информациите што јавно ги објави Министерството за внатрешни работи, за првоосомничениот за грозоморното двојно убиство, во минатото биле поднесени 6 кривични пријави. Дали овие пријави се во истрага, или не тоа, јас од позиција на премиер не го знам, бидејќи како извршна власт, ниту имам законска можност, ниту право да имам такви информации или пак увид во истраги, кој предмет или случај до каде е зошто е или не е процесуиран.
ФОКУС: Која е Вашата оценка за генералната безбедност во државата, бидејќи во минатото се случија многу убиства и обиди за убиства, кои никогаш не беа расветлени, како оние во Шиша Бар, Ист гејт…?
КОВАЧЕВСКИ: Безбедносната состојба во државата е стабилна, тие случаи што ги спомнавте се изолирани случаи, кои во никој случај не се закана по безбедноста на јавните места.
За овие два случаи, како што информираше и министерот за внатрешни работи, полицијата во соработка со ОЈО прават опсежна истрага и темелно утврдување на фактите. Формирани се посебни штабови во МВР, со одделот за криминалистички работи и форензика.
Нашата порака е јасна, секој што се огрешил пред законот, што се занимава со криминал, ќе мора да носи одговорност и да биде казнет за сето она што го направил, и тука нема отстапки.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.