Премиерот Димитар Ковачевски во врска со случајот на Клиниката за онкологија и тврдењата за продавање на цитостатици денеска изјави дека пардон нема да има за никого, и побара случајот да не се политизира.
„Нема да се дозволи никаков притисок, ниту политички, ниту етнички, ниту каков било друг. Инволвираните ако сакаат нека бидат членови и на свети СДСМ, и на свето ВМРО, и на свети ДУИ тој што се огрешил има да одговара“ рече денеска премиерот кој беше на настан во Општина Центар.
МВР определи тим којшто работи на прибирање на обемен доказен материјал.
„Се надевам дека и обвинителството ќе ја објасни нивната постапка, бидејќи тие се посебен орган надвор од државата. Нема да има пардон за никого без разлика дали припаѓа на која било политичка партија, на каква било припадност. Овде се работи за мултипартиски, мултиетнички криминал којшто мора да се расчисти. Тоа што граѓаните протестираат јас го разбирам и нивната загриженост и нивниот бес. И правото на протест во вакви случаи е добродојдено затоа што врши дополнителен притисок врз институциите побрзо да ја завршат својата работа“ – порача премиерот.
Повика да не се прави сензационализам и да се обвинува целата докторска фела за нешто што го направиле поединци. Одговарајќи на новинарско прашање за политичка одговорност, премиерот рече дека таа не може да биде побарана бидејќи лицето не е веќе на функција.
„Меѓутоа, јас како што кажав и во текот на вчерашниот ден имавме прес-конференција, утрово министерот Спасовски беше на една од телевизиите каде што во детали објаснуваше за постапката која што се води, а во текот на денот и министерот Меџити и неговите колеги доктори од Онкологија ќе имаат прес-конференција“ – рече Ковачевски.