(Видео) Ковачевски: За шест години поддршката на државата кон домашните компании зголемена за 11 пати

by Fokus

Премиерот Димитар Ковачевски, денеска се обрати пред околу 500 претставници на деловната заедница корисници на поддршката од Владата, за нови инвестиции, преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите.

Тој се осврна на важноста од нови инвестиции во услови на најголемата светска економско-енергетска и инфлациска криза. Рече дека и во услови на криза Буџетот е стабилен, се зачуваа работните места, се задржа ликвидноста на компаниите, а поддршката на државата не изостана. Исто така, нагласи дека платите растат, се намалува невработеноста, а растат и инвестициите. Сето тоа, како што рече, е резултат на стратешката определба на државата, влезот во НАТО и евроинтегративниот процес, кој во иднина ќе го забрза економскиот раст.

„Ми претставува големо задоволство денес да се обратам пред сите вас, тука присутни над 500 стопанственици, сопственици, менаџери, вработени во приватниот сектор, претставници на стопанските комори, претседатели на стопанските комори бидејќи денешната средба, можеби најголема од овој вид претставува потврда за партнерството и интензивната комуникација и соработка кои Владата ги воспостави со бизнис секторот.

Ние зацртавме дека мораме да носиме мерки сега и веднаш, за заштита на граѓаните од ценовниот шок и одржување на ликвидноста на компаниите како и одржување на нивниот инвестициски циклус“ изјави Ковачевски.

Тој додаде дека паралелно работат на среден и долг рок во консултација со деловната заедница и сите засегнати страни, а во насока на подобрување на вкупниот деловен амбиент, зголемување на конкурентноста на приватниот сектор и создавање услови за повеќе домашни и странски инвестиции, како и повеќе вработувања. И во услови на криза, како што вели, најважно е инвестициите да не застанат.

„Во таа насока, Владата преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите од неговото воведување до денес поддржа 919 компании со 100 милиони евра. За 6 години финансиската поддршка од државата кон домашните компании е зголемена за 11 пати. Од 3,2 милиони евра во 2018 до 35 милиони евра во 2023 година“ им порача Ковачевски на компаниите.

Поврзани новости