Првото прашање кое се наметнува кога ќе се разгледа законското решение за измени на Законот за државна управа е практично дека се работи за измени кои се мотивирани од желбата да се олесни политичкиот пазар за полесно креирање на владина коалиција и за носење на други закони со двотретинско мнозинство. Политички мотиви за политички пазар, рече претседателот на СДСМ и пратеник, Димитар Ковачевски, во врска со предложениот закон за реорганизација на државната управа.
-Се прави површно и паушално. Ваков сложен, системски закон кој треба да се носи во редовна постапка, со анализи, со проценка на ефектите, од финансиски и кадровски аспект, сега се носи по скратена постапка, без соодветните анализи за што реагираа и невладини организации и без буџетски импликации – рече Ковачевски.
Според него, Законот не допира неколку важни прашања кои се однесуваат на оваа сфера.
-Организацискиот систем, што овој закон не ги третира институциите формирани со посебни закони, не го олеснува буџетирањето туку напротив, го прави посложено со нови 4 министерства. Не се унапредуваат линиите на отчетност, нема критериуми, а наместо да се намали се зголемува бројот на државната управа.
Не се опфатени функциите на вклучените министерствата и нивна рационализација. Воопшто не се водело ниту сметка за поставеноста на Европска унија, затоа што вака нема да ја олесни работата со европските институции. Значи нема да се постигнат основните цели со еден ваков закон – рече Ковачевски.