Mакедонскиот премиер Димитар Ковачевски денеска одговорајќи на новинарско прашање во врска со платите на функционерите, рече дека „треба да се дојде до решение кое ќе направи фер вреднување на работата на секого“. Премиерот не верува во луѓе што работат без плата.
„Ви кажав дека има Работна група што работи и треба да ги има сите аспекти на располагање, бидејќи тука се работи за два закона по кои се регулираат платите на функционерите. Едниот е Законот за именувани и избрани функционери со кој се регулираат платите на претседателот на државата, претседателот на Собранието, на членовите на Владата, на сите градоначалници, на сите судии, обвинители, а другиот е Законот за пратеници во кој се регулирани платите на пратениците. Прво, треба да се дојде до решение кое ќе направи фер вреднување на работата на секого. Тоа е едната опција, а другата опција е да се оди во сосема спротивен правец и да се прави популистичко решение од какви што две популистички решенија двете паднаа на Уставен суд. Едното беше кога беа замрзнати платите на функционерите и кога секретарка во АЕК имаше поголема плата од пример министер за финансии или од претседател на држава или од претседател на Влада“ порача Ковачевски.
Премиерот порача дека се согласува со шефот на дипломатијата Османи, нагласувајќи дека луѓето работат за плата.
„Има некои што кажуваат дека би работеле без плата, јас во човек што работи без плата не верувам. Имам 25-годишно работно искуство и не верувам во луѓе што се подготвени да работат без плата“ истакна Ковачевски.