Ставовите на секого во ова демократско општество се легитимни и не би можел да давам дополнителни коментари – вака премиерот Димитар Ковачевски одговори на прашањето во врска со писмениот допис до медиумите на неговиот претходник Зоран Заев, кој изрази поддршка на бизнисменот и ексвицепремиер Кочо Анѓушев по неговото ставање на американската „црна листа“.
-САД се наш стратешки партнер и тие своите одлуки ги носат врз основа на информации и процедури коишто се спроведуваат во нивните институции. Јас во тоа не можам да навлегувам, ниту пак имам информации и ставовите на секого во ова демократско општество се легитимни и не би можел да давам дополнителни коментари. Сепак, се работи за одлука на САД, гледате дека имаше и брифинг од страна на нивната амбасадорка во Скопје – рече Ковачевски.
Она што останува, додаде Ковачевски, е согласно процедурите во Македонија, нашите институции, доколку сметаат дека има потреба да можат и да побараат информации од институциите на САД во однос на процесите коишто тие ги воделе.