Нема да дозволиме, оваа структура, со главата на Левица, а телото на ВМРО-ДПМНЕ повторно, како во минатото, да ја уништува државата. И за таа цел, денес, почитувани граѓани, го зголемуваме парламентарното мнозинство, формираме нова, постабилна и поуспешна Влада и со влезот на Алијанса за Албанците и со избор на нови министри и заменици министри, порача премиерот, Димитар Ковачевски од собраниската говорница за предлогот на нови министри.
-За да можеме во оваа 2023 година, да продолжиме да работиме како што ветивме и како што остваруваме. И во исто време, да започнеме да ги воведуваме европските стандарди дома, во нашето секојдневие! За да ги елиминираме криминалот и корупцијата, да ги сузбиеме непотизмот и личните интереси, да ја вратиме вербата дека има чесни, одговорни и работливи политичари. И такви политики, ќе спроведуваме! За државната и јавната администрација, сите институции, да работат и по Устав и закон, но и со етика и одговорност. За да знаеме дека доброто сме го надградиле, а лошото и незаконското сме го санкционирале и искорениле!, рече Ковачевски.
Тој кажа дека за него политиката не е математика.
-Политиката, ако е базирана на вредности, на принципи, на верба, на одговорност, значи многу повеќе од збир на пратеници и од збир и број на министри. Од самиот почеток реков дека нема да ги делам луѓето по полова, етничка, религиозна, или партиска линија! За мене или човекот е компетентен, работлив, чесен и одговорен, или не е. Тоа треба да се мери, вреднува и избира!Денешниот предлог е реконструкција, реконфигурација на Влада на Република Северна Македонија! Не е предлог на партии, не е предлог на етникуми, не е предлог на поединци. Тоа е предлог за целина. Не зборувам и нема да зборувам за дропки, за децимали, за баланси. Бидејќи, на крајот се бројат и мерат, резултатите и успесите. Тоа е најважно! И ќе нè биде и верувам дека оваа година ќе биде година на позитивни промени, на позитивни очекувања, на позитивни исходи, на сите полиња. За таа цел и во тоа име, ја барам Вашата доверба, рече Ковачевски.
Тој ги предложи следните министри за избор
Кренар Лога, за министер кој ќе раководи со Министерството за правда;
Фатмир Меџити, за министер кој ќе раководи со Министерството за здравство;
Азир Алиу, за министер кој ќе раководи со Министерството за информатичко општество и администрација;
Каја Шукова за министерка која ќе раководи со Министерството за животна средина и просторно планирање.