Премиерот Димитар Ковачевски, во интервју за најновиот број на неделникот „Фокус“, вели дека за време на актуелната владејачка гарнитура биле покачени платите и пензиите, а инфлацијата била намалена. Воедно, тој истакнува дека донеле нов пакет на антикризна помош од 662 милиони евра. Според него, ова не се предизборни мерки, туку мерки за поддршка за граѓаните.
–Ветив и како премиер и како влада, дека ниту еден граѓанин, ниту една дејност, никој нема да биде оставен сам да се справува со економско-енергетската криза. И тоа ветување не остана на збор, го реализиравме со конкретни и таргетирани мерки. Донесовме нов пакет антикризни мерки, 9-ти по ред, во вредност од 662 милиони евра.
Тоа се мерки за поддршка на ранливи граѓани, ученици, студенти, пензионери, граѓани – корисници на социјална помош, граѓани со посебни потреби, самохрани родители, домаќинства со ниски приходи, земјоделци, компании во процес на зелена транзиција.
Со овие мерки се опфатени 120.000 млади лица, над 74.000 социјално ранливи категории на граѓани, над 187.000 пензионери, 40.000 земјоделци, речиси 540.000 корисници на апликацијата мој ДДВ, 600.000 домаќинства и над 70.000 компании. Пакетот содржи и системски мерки со кои за 2023 и 2024 година се опфатени над 338.000 пензионери и 106 000 вработени во јавен сектор – вели Ковачевски.
Според него, станува збор за мерки за поддршка за граѓаните и на економијата и во својот фокус, како што вели, ги имаат граѓаните, нивните работни места, социјалната сигурност, солидарност, креирање амбиент за надминување на предизвиците од светските кризи и ефикасни излезни стратегии кон позитивните трендови на македонската економија.
–За околу три и пол години донесовме пакети антикризни мерки во вредност од над 2 милијарди евра за граѓаните и за стопанството. Ланскиот пакет антикризни мерки во висина од 760 милиони евра беше оценет од Светска банка како најголем во регионот.
Со сите мерки досега спасени се повеќе десетици илјади работни места, финансиски поддржавме ранливи категории граѓани, пензионери со ниски пензии, поддржавме плати за вработените, поддржавме занаетчии, самостојни уметници, радиодифузери, овозможивме поволни кредити за уметници, компании, овозможивме поволни кредити и за приватниот и за јавниот сектор.
Од независноста до денес, немало толку голема финансиска поддршка за граѓаните и компаниите. Особено сум горд на тоа што успеавме, и покрај сите предизвици. Имаме должност и обврска кон граѓаните и кон стопанството да помагаме кога е најпотребно, но и да осигуриме европски квалитет на живот, да ја движиме државата напред и во извесна иднина – посочи Ковачевски.
Премиерот вели дека државата е подготвена на енергетски план. Во тој дел, уверува дека производството и снабдувањето со електрична и топлинска енергија е сигурно, безбедно и континуирано и во оваа грејна сезона. Во текот на летниот период, како што вели, од страна на АД ЕСМ се извршени редовни ремонтни активности на сите производствени капацитети.
-Ќе посочам дека минатата година беше особено тешка, и во такви кризни услови со капацитетите стари и по 40 години, но со упорност, со нивно одржување, ремонти, со посветеност од работниците од сите енергетски капацитети, заеднички успеавме да ја изменаџираме енергетската криза.
Сите енергетски потенцијали ги ставивме во функција, го активиравме и ТЕЦ Неготино, кој 15 години не работеше, го зголемивме домашното производство на електрична енергија на ЕСМ, со што се обезбеди 100 отсто струја за домаќинствата и за малите потрошувачи. Образовните институции, болници, комунални дејности беа вратени на регулираниот пазар, за да имаат пониски трошоци за работа.
Во споредба со претходната грејна сезона 2021/2022 реализиравме зголемување на вкупното производство на електрична енергија од 45 отсто. Тоа резултираше, во текот на целата зима да има електрична енергија без никаков прекин. Обезбедивме субвенции и финансиски средства за најранливите категории граѓани, како и субвенционирање на цената на електрична енергија за сите домаќинства и за сите компании на регулираниот пазар – вели тој.
Во однос на прашањето дали владата и ЕСМ можеа да набават повеќе сопствена механизација за РЕК Битола, имајќи предвид дека постојано се спроведуваат милионски тендери за ангажирање надворешна механизација, при што најмнгоу договори се склучуваат со компанија што како опозиција ја обвинуваа дека е блиска до ВМРО-ДПМНЕ и до Сашо Мијалков, премиерот одговори:
„Она што е факт, е дека владата набави многу голем број парчиња механизација за потребите на РЕК Битола. Станува збор за набавки, кои во РЕК Битола се случија за првпат по 20 години. Притоа, со првата набавка од 2021/2022 година во вредност од 17,5 милиони евра беа набавени 36 парчиња механизација исклучиво за потребите на РЕК Битола. Со оваа набавка се задоволија околу 30 отсто од потребите на РЕК Битола за континуиран ископ на јаглен.
Со втората набавка во износ од над 10 милиони евра се набави механизација за потребите на сите подружници во рамките на ЕСМ, но најголем дел повторно завршија во РЕК Битола, каде што потребата е најголема. Во Годишниот инвестициски план за следната година, предвидена е набавка на механизација во вредност од 1 милијарда и 700 милиони денари за т.н. дисконтинуиран ископ.
Откако ќе се реализира оваа набавка, можеме да зборуваме за солиден број парчиња механизација, кои ќе ги задоволат потребите на РЕК Битола за непречен производствен процес. Факт е дека може повеќе, но исто така факт е дека и ова што се реализира, и тоа континуирано и во услови на ковид криза, и во услови на енергетска и економска криза, е многу повеќе од набавените нула парчиња механизација за потребите на РЕК Битола во периодот додека ВМРО-ДПМНЕ раководеше со ЕСМ, тогашно ЕЛЕМ“.
Разговараше:
Влатко СТОЈАНОВСКИ
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.