Не е точно дека Никола Димитров не е дел од новата влада поради неговите позиции со Бугарија, мојот впечаток е дека станува збор за изразено лично незадоволство поради завршување на неговото учество во Владата, вели за „Фокус“, мандатарот Димитар Ковачевски.
–Мојот впечаток е дека станува збор за изразено лично незадоволство поради завршување на неговото учество во Владата. Тоа што го кажува воопшто не е точно. Имаме јасни државни позиции во однос на разговорите со Бугарија, имаме усвоена Резолуција во Собранието, поддржана од сите партии.
Димитров лично бил дел од градењето на истите тие позиции. Македонскиот јазик и македонски идентитет не биле, не се, и нема да бидат тема на разговор. Дали господинот Димитров е против овие изградени држави позици во однос на разговорите со Бугарија и во кој дел треба да каже самиот. Граѓаните да бидат спокојни дека Владата во целост ќе ги заштити националните интереси, а преговорите на ниеден начин не се загорезени со заминувањето на Димитров, вели Ковачевски за „Фокус“.
Вицепремиерот задолжен за европски прашања кој нема да биде дел од новата влада, Димитров на денешната прес-конференција изјави дека не се повлекол сам од функцијата и оти тоа што нема да биде дел од новата влада е резултат на неговите позиции во однос на прашањето со Бугарија.
–Сакам да демантирам дека самиот сум се повлекол. Тоа не е точно. Јас не сум човек што се повлекува од битки. Не се повлеков затоа што чувствувам одговорност и сметам дека позициите што ги застапувам во процесот на преговори со Бугарија се исправни и важно е да се одржат.
Имав сериозна битка внатре особено во последната година во однос и на дефинирањето на националните позиции, значи за самата суштина на маката, ама и на стратегијата, односно на текот на самите преговори. Таа битка не беше тајна. Разликите беа евидентни и во јавните пораки и во јавните настапи, рече Димитров.
Ф.Ф.С.