Ковачевски: Во Тирана разговаравме за планот на ЕУ за интеграција на земјите од Западен Балкан

by Fokus

Планот на ЕУ за забрзана интеграција на земјите од Западен Балкан и подготовките за берлинскиот процес биле меѓу главните теми на кои премиерите на Македонија, Албанија Црна Гора и Србија денес во Тирана разговарале со  еврокомесарот за соседска политика и проширување, Оливер Вархеjи во Тирана.

„Практично разговараме за темите во насока на подготовка на состанокот на Берлинскиот процес којшто ќе се одржи во октомври тука во Тирана, бидејќи оваа година Албанија претседава со Берлинскиот процес, исто како што ние претседававме во 2020 година“, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

Тој додаде дека клучни теми на кои разговарале се планот на ЕУ за забрзана интеграција на земјите од Западен Балкан преку нивно приближување до заедничкиот пазар на ЕУ, за зголемување на ЕУ фондовите за финансирање важни проекти, за зголемување на економскара соработка меѓу земјите од Западен Балкан и за забрзување на реформите во секоја одделна држава.

„Се работи за амбициозен план, се работи за амбициозна агенда на која ќе работиме сите заедно и она што исто така ќе биде дел од работата во периодот до октомври и после него е исто така ратификацијата и ставањето во функција на договорите кои веќе беа потпишани на состанокот во Берлин минатата година, на кои веќе земјите работат, тука пред се се мисли на меѓусебното признавање на дипломите, како и на другите договори кои беа потпишани во рамки на иницијативата на Берлинскиот процес, а кои договори се депонирани во нашето Министерство за надворешни работи“, изјави Ковачевски.

 

Поврзани новости