Премиерот Димитар Ковачевски во Охрид оствари билатерална средба со косовскиот колега Албин Курти. Ковачевски му посака добредојде и успешни разговори, како важен чекор за консолидација на регионот и неговата европска интеграција.
На средбата, Ковачевски нагласи дека Северна Македонија е пример за земја која по пат на добрососедство, дијалог и компромис постигна историски договори кои го трасираа патот на нашата земја кон Европската Унија и НАТО. Токму тој пристап обезбеди членство во НАТО, одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ во јули минатата година, како и целосна заштита на македонскиот јазик, идентитет и македонските идентитетски обележја.
Премиерот Ковачевски уште еднаш ја реафирмира поддршката на Северна Македонија на евро-атлантските аспирации на Косово и подготвеноста да даде свој придонес во оваа насока.
Ковачевски и Курти се согласија дека воените дејствија и раздори карактеристични за Балканот, треба еднаш засекогаш да станат минато, а регионот да се движи кон напредок, добрососедство и градење на силна економија која значи подобар стандард за сите граѓани.