Денес свечено беше отворена приватната фотоволтаична електроцентрала во земјава – ФЕЦ Новаци, која моментално е и најголема на Балканот, соопшти владината прес служба.
-Новата централа, е со вкупен капацитет од 55 мегавати и годишно е проектирано да произведува 85.000 мегават часови што претставува електрична енергија која е доволна за задоволување на потребите на 30.000 семејства. Стабилноста во обезбедувањето на електрична енергија преку сите расположливи ресурси е наш врвен приоритет, и успеавме кризата да ја претвориме во можност.
Со овие стратешки политики, овозможуваме, на долг рок, предвидливост во развојот на економијата и енергетска независност на државата. Ги имаме природните потенцијали: вода, ветер, над 280 сончеви денови секоја година, што е над европскиот просек, поради што од државата почнавме да создаваме Зелен енергетски центар во Европа. Дека е тоа така говорат и фактите. Во делот на имплементацијата на зелениот договор, успеавме да инсталираме сè поголем број на централи за обновливи извори на енергија, изјави премиерот Димитар Ковачевски.
Тој рече дека Владата од лани досега има издадени 600 лиценци за централи за обновливи извори на енергија.
-Денеска можам со гордост да кажам дека во државата работат и се во систем, фотонапонски централи со вкупна инсталирана моќ од 396 мегавати кои произведуваат 610 гигават часови електрична енергија. Оваа енергија од фотонапонските централи произведуваат електрична енергија за 198.000 домаќинства, изјави министерот за економија Крешник Бектеши/
Инвеститор на овој значаен енергетски проект за производство на струја од обновливи извори е домашната компанија МЕЈ Енерџи чија дејност е производство и продажба на електрична енергија од обновливи извори.