Премиерот Димитар Ковачевски денеска на маргините на Минхенската безбедносна конференција имаше средби со претседателката на Евроспката комисија, Урсула Фон дер Лајен, со германскиот канцелар Олаф Шолц, со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и со доскорашната претседавачка на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси.
– Срдечна средба со претседателката на Европската Комисија, Фон дер Лејен. Уште еднаш ја потенциравме важноста Северна Македонија што побрзо да стане членка на ЕУ. Нашите пријатели од ЕУ нé поддржуваат и помагаат во реформските процеси на земјата. Европскиот пат на земјите од Западен Балкан е важен за стабилност на регионот, безбеден и просперитетен живот, што нашите граѓани го заслужуваат, објави Ковачевски на својот фејсбук профил.
На средбата, пак, со германскиот канцелар Олаф Шолц е потенцирата недвосмислената поддршка на Берлин за европскиот пат на Северна Македонија.
– Дискутиравме за неопходноста од забрзување на евроинтегративните процеси, кои се важни за безбедноста и стабилноста на регионот. Германија е наш безрезервен поддржувач и значаен партнер при интегрирањето на нашата држава во ЕУ, напиша Ковачевски.
По панелот „Алијансата и подалеку од неа: партнерства за Европската безбедност”, премирот имал куса средба и со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
Една година по воената агресија врз Украина НАТО е обединет како никогаш досега во поддршката на Украина и ќе ја поддржува сè додека е потребно. Во оваа насока беа пораките на панелот. По обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, му пренесов дека Северна Македонија е целосно посветена во градењето на партнерства за одржување на безбедноста во Европа и секако на Западен Балкан, посочува Ковачевски.