ВМРО–ДПМНЕ и нивните претставници особено раководството во изминатиот период потврдија дека единствено што знаат да прават, е да шират хистерија, лаги и да блокираат во Собранието, така е и за Договорот со Бехтел, рече денеска премиерот, Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање.
„Тоа што го кажува потпреседателот на ВМРО – ДПМНЕ е една обична лага и ширење на невистини. Како што го прават тоа и неговите колеги, вклучително и неговиот претседател, кој што го гледам по цел ден само нешто се заканува и ништо не работи. Тоа до правеа со сите законски решенија, кои што беа во времето на пандемијата, во времето на енергетската криза и го прават истото со сите големи инфраструктурни проекти“ – рече Ковачевски.
Претседателот Ковачевски потенцираше дека во изминатиот период ВМРО-ДПМНЕ се што кажа – излажа
„Вратете се наназад, јас откако сум премиер па и пред тоа, се што кажаа се излажаа. Прво во однос на нашиот пат во ЕУ кажуваа дека ќе сме го изгубиле македонскиот јазик. Јас и вие зборуваме на македонски јазик. Нашиот јазик стана дел од јазиците на ЕУ со потпишување на договорот ФРОНТЕКС, што значи дека лажеа. Второ, зборуваа дека ќе сме биле асимилирани, еве помина скоро цела година од прифаќањето на заклучоците во Собранието за европскиот предлог за отпочнување на преговорите со ЕУ. Јас и вие сме Македонци и тоа никој не може да ни го одземе и сите претставници на ЕУ потврдија дека нашиот идентитет го збогатува идентитетот на ЕУ. И таа лага падна во вода“ – рече Ковачевски.
Тој додаде дека „Договорот со Бехтел и Енка е потпишан врз основа на посебен закон одобрен во Собранието од страна на сите пратеници, и тој договор ги има поминато сите законски процедури за склучување“.
„Во договорот кој што е над 400 страни се дефинирани сите услови за изградба на овој автопат, пришто постојат одредени активности кои што можат да се направат и кој што сега се дел од парламентарната процедура, а тоа е измени на неколку закони во однос на оебзбедување на услови за забрзнување на постапката за изградба на овие две големи автопатски делници, коридор 8 и 10д“ потенцираше Ковачевски.