Ковачевски во Брисел: ЕУ е нашиот најголем економски партнер

by Fokus

Премиерот Димитар Ковачевски денеска во рамки на работната посета на Брисел, се обрати и ја отвори последната сесија од скрининг процесот на Северна Македонија, посветена на Кластер 6 кој ги опфаќа: поглавјето 30 – надворешни односи и поглавјето 31 – заедничка, надворешна и безбедносна политика.

На сесијата присуствуваа и заменикот на претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, претставници од Секретаријатот за европски прашања, Министерството за економија како и претставници од сите други релевантни национални институции вклучувајќи ги Министерството за надворешни работи, Министерството за финансии, Министерството за животна средина и просторно планирање, Царинската управа, и Бирото за јавни набавки.

Поглавје 30 се фокусира на заедничката трговска политика кон трети земји базирана на мултилатерални и билатерални договори и автономни мерки со цел постигнување правичен меѓународен систем за трговија кој ќе придонесе кон постигнувањето одржлив економски раст и обезбедувањето сеопфатен економски развој на среден и долг рок.

Ова поглавје исто така ги вклучува и правилата на ЕУ во полето на хуманитарна помош и развојна политика. Претседателот на Владата, Ковачевски во своето излагање истакна дека Северна Македонија нема да бара преодни периоди, туку во целост ќе го прифати правото на ЕУ.

„Ќе се фокусираме на тоа да ги усогласиме нашите трговски политики со ЕУ во рамките на Светската трговска организација и ќе продолжиме да ги спроведуваме правилата на ЕУ во врска со контролата на извозот со двојна намена, извозните кредити, инвестициите и инструментите за трговска заштита во нашите национални правни и институционални рамки“, истакна Ковачевски.

Во поглавјето 30 опфатени се неколку клучни области, како мултилатерална и билатерална рамка на заедничката трговска политика, трговски специфични правила, договори за оцена на сообразност, инструменти за трговска одбрана, инструменти за надворешна политика, како и како развојна политика и хуманитарна помош. Ковачевски истакна дека Северна Македонија има највисок степен на трговска отвореност во регионот на Западен Балкан што во 2022 година достигна 171%.

„Изгледите за надворешна трговија на Северна Македонија се мошне поврзани и тоа се’ повеќе со Европската Унија, бидејќи таа е наш најголем трговски партнер. Трговијата со ЕУ достигна 60% од вкупната трговија изминатата година и 86% од вкупниот број на сите преференцијални договори што Северна Македонија ги применува на билатерална и мултилатерална основа. Остатокот од 14% трговија без никакви преференции. Освен тоа, ЕУ е најважниот инвеститор во Северна Македонија и има удел во 65% од вкупниот број на странски директни инвестиции на крајот на 2022 година“, рече премиерот.

Во однос на трговската политика, Северна Македонија е поддржувач на мултилатералниот трговски систем заснован на правила во Светската трговска организација, со кој обезбедуваме поголема сигурност во трговските односи како мала земја и кој придонесува за промовирање на отворената трговија и повисок економски раст. Премиерот Ковачевски истакна во земјава во процес е ратификација на Референтниот документ за домашна регулатива за услуги и Договорот за субвенции за рибарството. На 30 октомври оваа година, Северна Македонија стана членка на Договорот за јавни набавки во СТО.

„Во однос на рамката на развојната политика, Владата ги прифати Агендата 2030 и целите за одржлив развој во националниот стратешки план, кои се усогласени со Рамката за соработка на Обединетите нации за одржлив развој 2021 – 2025 година и поглавјата на ЕУ во процесот на пристапување во ЕУ. Анализирајќи ги политиките на ЕУ во рамките на Новата агенда за Медитеранот, Северна Македонија стана полноправна членка на Унијата за Медитеранот во ноември минатата година, што е важен политички чин, насочен кон стимулирање на соработката и дијалогот во евро-медитеранскиот регион“ рече Ковачевски.

Поврзани новости