Ковачевски: ВМРО-ДПМНЕ да даде одговори за Иловица, концесиите се потпишани од Груевски, Јанакиески, Димовски, Мисајловски

by Fokus

При давањето на концесиите за рудникот „Иловица“ се случило втората концесија целосно да ја заобиколи првата, рече премиерот Димитар Ковачевски на денешната седницва на Собранието во одговор на пратеничко прашање.

„Вчера се објавени сите документи од 2005 година со сите мислења, потписи, одобрувања на концесиите и добивме уште една многу интересна работа, а сигурно сте ја виделе, на графиконот, каде што се обележани првата и втората концесија, и тоа е многу интересно како е направено, втората концесија комплетно ја заобиколува првата, зошто е тоа направено?“, изјави Ковачевски од собраниската говорница.

Тој  рече дека единствен одговор може да дадат оние што одобриле концесиско подрачје врз веќе дадено концесиско подрачје.

„Кои се тие? Ако ги погледнете документите објавени на веб-страницата на Министерството за економија, таа концесија ја издал Никола Груевски, со позитивни мислења од тогашниот министер Миле Јанакиески, министерот за земјоделство, Љупчо Димовски, низа мислења, бидејќи се работи за постапка во три чекори, дадени и од Владо Мисајловски и од Паско Кузман и од сите. И јас не велам дали тие тоа тогаш го подржувале, бидејќи со својот потпис дека немаат никаква забелешка на доделување и на првата и на втората концесија, и од аспект на транспорт и врски и од аспект на животната средина, и од аспект на земјоделството, и од аспект на водите, значи немаат ниту една забелешка, ниту една забелешка“, рече Ковачевски.

Според него ВМРО-ДПМНЕ, кое во тоа време беше на власт, треба да ги даде сите одговори за концесиите за рудникот „Иловица“.

„Кога веќе некому дале концесија, каде што втората концесија комплетно се наоѓа врз првата концесија, во согласност со законот, тој има право да побара спојување на концесиите. Како се прави тоа? На веб-страницата на Министерство ви е објавен и записникот, и записникот ви е објавен од ваша влада за спојување на концесиите, и знаете што пишува во записникот – нема никакви забелешки за концесиите да се спојат. Јас не велам дали некој имал некаква лоша намера, добра намера, ваква или таква намера, можеби овие што ги споменав, некои се активни сега, а добар дел е активен, дел во парламентот, дел како советници во вашата партија, можеби смениле мислење, но треба да излезат да кажат дали сега можеби влијае лошо на животната средина оти тогаш не им влијаело лошо на животната средина. Погледнете ги одлуките на општините, и на Ново Село и на Босилово, и градоначалникот и Советот тоа време од ВМРО-ДПМНЕ донеле позитивна одлука за отворање рудници во Босилово и во Ново Село. Владата ги носи одлуките, но повторувам, да дадете концесија еден и врз неа да издадете концесија два и да потпишеш записник во 2016 да се спојат – е тоа ќе го прашате кај вас, не може да прашате во оваа Влада“, истакна Ковачевски.

Поврзани новости