Колку ќе трае дебатата во Собранието за реконструкција на владиниот кабинет зависи од бројот на пријавени за дискусија што е демократско право на секој пратеник. Владејачкото мнозинство се зголемува, изјави премиерот Димитар Ковачевски.
-Во Собранието има мнозинство поголемо од тоа коешто беше до сега. Не се развлекува дискусија, од моја страна. Јас го поднесов предлогот во петокот, сега сме веќе следниот петок. Колку ќе трае дискусијата зависи од бројот на дискутанти. По тоа што го видов од страна на пратениците на опозицијата има голема заинтересираност, тие сите се пријавени за дискусија. Тоа е демократско право, секој има право на остварување на своето демократско право.Така што ако 40 пратеници се пријават за секое разрешување и за секое именување, и ако тоа го помножите по десет, па го добиете вкупниот број и тоа го поделите со 24 во еден ден ќе може да израчунате колку дена, 24 часа на ден да се работи, би траела дискусијата, вели Ковачевски на новинарско прашање по отворањето на градинка во Волково, во Скопје.