Премиерот Димитар Ковачевски денеска оцени дека во услови на висока инфлација во Европа, со мерките што се преземени намалена е финалната цена на основните прехранбени производи. Одговарајќи на новинарско прашање дали ќе има замрзнување на цените на производите, Ковачевски рече дека таква мерка имаше пред почетокот на кризата, по што уследи мерката за ограничување на маржите за пет и 10 проценти на одредени производи.
– Имавме замрзнување на цените на почетокот на кризата. Меѓутоа, доколку ја замрзнете цената под цената, под вкупните трошоци за производство на одреден производ, тогаш веднаш ќе се јави недостиг на пазарот. Затоа после мерката на замрзнување се оди на мерката на ограничување на маржите при што кога се направи мерката за ограничување на маржите, исто така, се преговараше со трговците и тогаш дел од трошоците коишто се сметаат за маркетинг трошоци и промоција и поставување во маркетите се тргнати од маржата и трговците практично имаат 5 проценти маржа за одредени производи и 10 проценти за други основни прехранбени производи без можност да калкулираат дополнителни трошоци коишто ја менуваат финалната цена. Така дојдовме до намалување на финалната цена на основни прехранбени производи во време на висока инфлација во цела Европа, рече Ковачевски, при посета на компанија корисник на државна поддршка.
Тој се осврна и на постапките на одредени трговци во услови на криза, изразувајќи сочувство до семејството на сопственикот на КАМ маркет, компанијата што, како што нагласи, во најкризниот месец на своја иницијатива ги замрзна цените на основите прехранбени производи во сите нивни маркети.
– Тоа е уште еден доказ дека ако работат владините институции заедно со сопствениците со бизнисите тогаш може да имаме солидарен пристап којшто ќе биде на бенефит на сите граѓани, рече Ковачевски.