Премиерот Димитар Ковачевски утре ќе ја предводи владината делегација која во рамки на работната посета на Турција ќе престојува во Истанбул за да учествува на литургијата што заеднички ќе ја сослужуваат Архиепископот охридски и македонски, поглаварот на МПЦ-ОА, г. г. Стефан и Патријархот на Вселенската патријаршија и Архиепископ Цариградски Вартоломеј, најави владината прес-служба.
Ковачевски и членовите на делегацијата Бујар Османи, министер за надворешни работи, Славјанка Петровска, министерка за одбрана и Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи, во Фанар ќе присуствуваат на Патријаршиската и Синодолна Света Литургија, откако во четвртокот вселенскиот патријарх г. Вартоломеј на нашиот архиепископ г. г. Стефан му го предаде актот на Вселенската патријаршија за примање на Охридската Архиепископија во богослужбено и канонско единство со останатите православни цркви.
Агендата од работната посета на делегацијата на Владата на Северна Македонија на Вселенската патријаршија предвидува прием за членовите на делегацијата и тет-а-тет средба на премиерот Ковачевски со Вселенскиот Патријарх Вартоломеј.