Извршниот одбор и Централниот одбор на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија утре ќе одржат седници, потврдиле за МИА од партијата, на кои, како што се наведува, се очекува претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски да го презентира исходот од разговорите со Алијанса за Албанците за нејзино евентуално вклучување во владејчката коалиција.
Тема на разгледување и дебата на седниците, како што наведува МИА, треба да биде и понудата на Ковачевски до лидерот на актуелниот коалициски партнер Алтернатива, Африм Гаши со кого денеска имал средба денеска.
Од друга страна пак, извори од Алијанса за Албанците велат дека партијата ќе добие и заменици министри за земјоделство, шумарство и водостопанство и за одбрана, како и двајца државни секретари, од кои едниот е во Министерството за труд и социјална политика, додека вториот ќе биде дополнително утврден.
Меѓу директорските места што ќе ги добие Алијансата за Албанците се во „Пошта на Република Северна Македонија“, МЕПСО, Државниот просветен инспекторат и Агенцијата за управување со одземен имот, како и заменици-директори во Царинската управа, Управата за јавни приходи (УЈП) и Електрани на Северна Македонија (ЕСМ).
Пред објавување на конечниот договор околу проширувањето на владиното мнозинство, според партиски извори, Ковачевски ќе одржи средба и со останатите коалициски партнери на која ќе ги информира што е договорено за влез на АА во Владата.