Лидерската средба ја свикав со цел заедно со сите политички партии кои се застапени во Парламентот да разговараме за европската иднина на државата и за сите одлуки коишто треба да ги носиме во еден широк, општествен и политички консензус. Убеден сум дека ќе дадат поддршка во носењето на брзи и квалитетни одлуки во Собранието, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски по увидот на градежните работи на делницата од патот Фариш – Прилеп.
– Дел од разговорите, нормално ќе биде скрининг процесот којшто се одвива после првата меѓувладина конференција помеѓу нашата дражва и ЕУ, објаснувачкиот скрининг и подготовките за билатералниот скрининг, потоа сите оние клучни аспекти коишто се однесуваат на интегрирањето на државата во ЕУ, а тоа е, пред се, владеењето на правото, борбата против криминалот и корупцијата, економските аспекти на нашата соработка со ЕУ, бидејќи да не заборавиме интеграцијата во ЕУ не е само прашање на интеграција, не е само политичко прашање, туку веќе станува и економско прашање и сите граѓани можат да видат дека во справувањето со економската криза нашата држава не е оставена сама, туку според она што го кажа и претседателката на ЕК, но и она што го носам како порака од Берлин, покажува дека регионот на Западен Балкан, нашата држава се дел од активностите на ЕУ, рече во одговор на новинарско прашање што очекува од лидерската средба која ја свика за в понеделник.