Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека ќе се надмине проблемот со платите на вработените во АД Водостопанство, кои претпладнево излегоа пред дирекцијата во Скопје и во подружниците за да изразат револт бидејќи не им е исплатена платата за јули.
Тие најавија дека од понеделник ќе организираат протест доколку Владата како единствен сопственик на АД Водостопанство не најде решение за исплата на платите.
Ковачевски рече дека се работи на долгорочно решение за претпријатието, а целта е да се овозоможи негово постојано, рентабилно работење.
Според него ќе мора да се направи реструктурирање за точно да се види кои делови носат приходи, а кои се тие што треба да бидат реорганизирани. Тој нагласи дека тоа не значи дека некој ќе остане без работа, туку дека ресурсите ќе треба да бидат насочени таму каде што најдобро ќе бидат искористени од страна на компанијата.
Ковачевски рече дека АД Водостопанство е исклучително значајна компанија зашто се грижи за снабдувањето вода, пред се, во земјоделството.
-Владата во изминатиот период секогаш преку вицепремиерот за економски прашања, министерот за финансии и министерот за земјоделство успеваше да најде решение за оперативното функционирање на АД Водостопанство . Убеден сум дека и сега ќе се најде решение, меѓутоа се работи и на долгорочно решение во делот на ова АД со цел да се обезбеди негово постојано, рентабилно работење. На ваков начин како што работи, тешко дека може да се обезбеди рентабилно работење. Затоа ќе мора да се направи реструктурирање на компанијата за точно да се види кои делови носат приходи, а кои се тие што треба да бидат реорганизирани. Тоа не значи дека некој ќе остане без работа, тоа значи дека ресурсите ќе треба да бидат насочени таму каде што најдобро ќе бидат искористени од страна на самата компанија, рече Ковачевски