Премиерот Димитар Ковачевски рече дека тој уште првиот ден по објавување на одлуката на Стејт департментот да го стави струшкиот градоначалник Рамиз Мерко на „црната листа“ го кажал она што сега Мерко го „беседел на социјалните медиуми“.
„Мене ме прашувавте многу пати за струшкиот градоначалник, гледав од утрово дека тој на социјалните медиуми има една беседа за Вудро Вилсон со американски знамиња итн. И каде што кажува дека Општината е отворена за сите истражни органи коишто треба да ги испитаат наводите и основите врз основа на кои тој се најде на црната листа. Тоа што тој го избеседи утрово јас го кажав и првиот ден дека Општината треба да биде веднаш на располагање, да бидат направени сите проверки. Добро е што Јавното обвинителство веќе формирало комисија која тоа треба да го испита и на таков институционален начин треба да функционира државата“, изјави Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања за време на денешната посета на Свети Николе.
Тој рече дека Владата нема да се меша во работата на правосудните органи, како тоа што го правеле некои поранешни премиери.
„Владата ниту е обвинител, ниту е судија и јас нема да го правам тоа што го правеле некои поранешни премиери заради што мораа да одат да живеат во други земји, туку секоја институција треба да ја преземе својата одговорност и да работи во согласност со своите законски надлежности“, изјави Ковачевски.
Градоначалникот на Струга Мерко, една недела откако беше проигласен за непожелна личност во САД, поради вмешаност во значителна корупција, присвојување средства и мешање во судски и други јавни процеси, на социјалните медиуми најави соработка со правосудните органи. Тој вели дека и Општината и тој навреме ќе ја достават секоја потребна документација, бидејжи биле транспарентни за органите на правдата и за сите институции.
Во објавата на фејсбук тој ја истакнува важноста на сојузништвото меѓу САД и Северна Македонија. Според него тоа сојузништво датира уште од времето на поранешниот американски претседател Вудро Вилсон.
Јавното обвинителство денес соопшти дека четворица јавни обвинители од републичкото обвинителство денес вршат контрола во Основното јавно обвинителство (ОЈО) во Струга, но и во Вишото обвинителство во Битола, под чие подрачје спаѓа струшкото, за предметите што се поврзани со градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко.