Ковачевски: Талат го немам ни видено, оставка не може да се цепка

by Фокус

Претседателот на опозицијата кажуваше дека ќе сме станувале бинационална држава, па тринационална држава, па држава на еден народ, неколку нации и заедници и на крајот да излезе дека всушност работната група има направено предлог којшто практично е согласно со заклучоците на Собранието, а со цел исполнување на обврските коишто произлегуваат од преговарачката рамка со ЕУ и токму на тие документи се повикува и предлог-иницијативата за уставните амандмани коишто ќе бидат предложени до Собранието.

Ова денеска го изјави премиерот Димитар Ковачевски, откако претходно најави дека од понеделник Владата ќе ја разгледува предлог – иницијативата за уставни измени изработена од страна на работната група и најави дека ќе го покани на средба лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во наредните десетина дена.

Ковачевски ќе го покани Мицкоски на средба за уставните измени

Запрашан за тоа дали албанските партии ќе го поддржат предлогот имајќи го предвид нивното барање за бришење на „20 отсто“ од Уставот и да биде напишано албански јазик, Ковачевски рече дека многу јасни пораки дојдоа од претставниците на ЕУ и дека верува дека не само тие, туку и сите партии во Собранието ќе го поддржат предлогот.

-Многу јасни пораки дојдоа од сите претставници на ЕУ и на претседатели на држави членки на ЕУ во однос на тоа која е обврската на нашата држава и кои се обврските на ЕУ. Дека ќе биде одржана меѓувладина конференција која што ќе започне со скрининг процесот како и за секоја држава и штом ќе ги направиме уставните измени веднаш без закажување ќе се одржи и втората меѓувладина конференција за отворање на поглавјата и на кластерите. Што значи дека имаат преземено свои обврски коишто ги исполнуваат, имаме преземено ние наша обврска која што треба да ја исполниме – рече Ковачевски.

Целта е, како што потсети, државата да продолжи кон исполнувањето на својата втора стратешка цел после зачленувањето во НАТО, а тоа е зачленувањето во ЕУ.

-И сите политички партии треба да бидат свесни дека ова е процес заради интеграција во ЕУ, а впрочем многу јасни пораки испрати вчера и сенаторот Крис Мартин од САД којшто кажа дека треба веќе да се определат политичките партии во државата – дали се за ЕУ и за НАТО и за САД или дел од нив ќе сакаат да останат заложници на Димитар Апасиев и на Русија – потенцира Ковачевски.

Коментирајќи ги изјавите од ВМРО-ДПМНЕ за тоа дека нема да поддржат уставни измени и за наводна негова оставка, премиерот повтори дека тоа се фикции на Мицкоски, потенцирајќи дека единствен кој кажал дека ќе си поднесе оставка е самиот Мицкоски.

-Јас излегувам на телевизија и велам не сум дал оставка и дека тоа е лага повторно на Мицкоски, овој ги собира во Извршен комитет и им вика – абе он дал ама му ја искинал Талат Џафери. Јас после излегувам и велам Талат Џафери јас го немам ни видено, ниту пак ако некој дава оставка може некој да му ја цепка. Кога се дава оставка – таа се дава, значи такво нешто нема. И сега бидејќи и тоа излезе дека е лага што им ја кажувал на Извршен комитет сега сабајле го гледам и вика – Ковачевски пак да си даде оставка – рече премиерот.

Поврзани новости