Ковачевски со коментар за случувањата во Судски совет: Дали некој им се мешал, треба сами да пријават!

by Fokus

Премиерот Димитар Ковачевски денеска ги охрабри судските органи да пријават доколку некој им се меша во работата. Ова доаѓа откако вчера пропадна обидот за избор на нов претседател на Судскиот совет, а следуваа обвинувања дека има влијание врз Судскиот совет.

Премиерот притоа кажа дека никогаш досега немал состанок со претседател на суд, ниту, пак, со претседател на Судски совет.

„Јас лично за мене можам да кажам, никогаш не сум имал ниту еден состанок со ниту еден претседател на суд, ниту со претседател на Судски совет бидејќи судовите се независни, судската власт е независна, извршната власт е независна и законодавната власт е независна. Секој мора да си ги извршува работите во рамките на своите надлежности. Дали некој им се мешал тоа ќе треба самите да го пријават низ соодветна процедура“, рече премиерот Ковачевски.

За сцените поврзани со разрешување на досегашната претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева, премиерот рече дека не доликуваат на највисокиот орган во правосудството во земјава.

„Министерот за правда вчера имаше соопштение во кое го даде мислењето кое и јас го делам. Тој побара во рамки на своите надлежности да го видат во Министерството за правда записникот од самата седница. Она што останува е правосудните органи на ниво кое што е потребно да ја извршуваат својата работа“, рече Ковачевски.

Поврзани новости