Премиерот Димитар Ковачевски попладневно имаше телефонски разговор со Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен.
Од Владата информираа дека Ковачевски ја извести Лајен дека европските интеграции остануваат еден од врвните приоритети на новата Влада.
„Исто така, тој ја запозна претседателката на ЕК со активностите на Владата во периодот што следи, мерките и политиките што се преземаат во правец на надминување на енергетската криза, како и економските мерки на Владата“, стои во соопштението.
Во телефонскиот разговор стана збор и за неодамнешната посета на бугарскиот премиер Кирил Петков на Скопје, што, велат од Илинденска, заеднички ја оценија како позитивен чекор во надминување на разликите, и го поздравија фокусот во проекти и активности кои се важни за иднината.
„Премиерот Ковачевски ги реафирмираше уште еднаш македонските позиции, за македонскиот јазик и идентитет“, велат од Владата.
Од таму додаваат дека Лајен го поздрави воспоставениот дијалог на ниво на премиери меѓу двете земји и истакна дека Брисел силно го поддржува овој процес.
На крајот, двајцата се договориле многу скоро да имаат директна меѓусебна средба во Брисел.