Ковачевски со Филипче и Заев во Струмица: ДПМНЕ предлага да наведнеме глава и да се откажеме од иднината

by fokus

ДПМНЕ предлага да наведнеме глава, да чекаме во место, да не правиме ништо и да се откажеме од нашата европска иднина, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски вечерва во Струмица на отворањето промотивен штаб на СДСМ.

-Гледам дека кога ќе почнам да зборувам за ЕУ, некои луѓе негодуваат. Верувајте ми, јас ги почувствував неправдите од различни претставници на ЕУ повеќе од сите овде и знам како се чувствувате. Човек во тешки моменти помислува и на откажување. Но, што тогаш? Кој е следниот чекор? Која е алтернативата? Можеме да одложиме, можеме да се сокриеме, да чекаме во темница уште 11 години како во времето на Груевски и да загубиме многу. Токму ова го предлага ДПМНЕ. Да чекаме во место, да не правиме ништо, да се откажеме од нашата иднина, рече Ковачевски.

Тоа личи навидум лесно, ама на крајот цената ќе ја платиме прескапо. Ние, сегашните но најмногу идните генерации, потенцираше Ковачевски.

-Идните генерации, нашите деца не само што ќе жалат, туку и ќе ни се лутат што сме дозволиле да загубат години, да немаат светла иднина, додаде тој.

Постои и друг начин. Не е лесен, но е пореален и дава вистинска надеж за суштински промени, рече Ковачевски додавајќи дека “СДСМ никогаш нема да се откажеме од тој пат, затоа што тоа е вистинскиот пат кон подобра иднина.“

-Знам дека знаете, единствениот вистински начин да ја промениме нашата земја на подобро зависи од континуираните реформи кои водат кон членство во ЕУ. Ова е единствената можна светла македонска иднина. Европската. Особено сега, кога дојдовме до последниот чекор. Затоа, ве гледам сите вечерва и ви велам, нема откажување, одиме до крај, до победа, за Европска Македонија, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски вечерва во Струмица.

Поврзани новости