Премиерот Димитар Ковачевски изјави вечерва дека 2023 нема да биде изборна година, бидејќи се уште трае скринингот.
-Скринингот треба да заврши во ноември 2023 година и ние најверојатно нема да направиме да се прекине скринигнот сега, по 17 години чекање. Второ енергетската криза нема да застане и економската криза, би требало да бидат функционални институциите кои што ќе се справуваат со неа. Трето, имаме за носење голем број одлуки во Собранието кои што бараат широк општествен и политички консензус и кој што консензус нема избори да го обезбедат, јас гледам некои политички партии викаат ние ќе гласаме доколку ќе има избори, кажа Ковачевски вечерва во интервју за МРТ.
Според него, поддржување избори на сметка на стратешки прашања е апсолутно несоодветно.
-Јас можам да ја разбирам позицијата на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи тие се наоѓаат во комплетно заложништво на Левица. Во моментов наративот на опозицијата го води Левица или Димитар Апасиев, со оглед на тоа дека ВМРО-ДПМНЕ нема став во ниту една прашање но ниту имал некогаш став, ниту визија, ниту пак одлучност и сите бевме сведоци како тие го менуваат ставот во однос на пристапувањето кон ЕУ. Прво се прифаќаше јавно договорот со Бугарија, па потоа нивниот претседател кажа дека ќе поддржи уставни измени со наредниот бугарски премиер, па потоа кажа дека нема да поддржи и бараше нотарски изјави од пратениците, па потоа кажа дека ако европските институции дават некаква гаранција ќе поддржи, па за потоа да кажи дека никако нема да поддржи, и тоа е практично немање на став по најважно прашање, рече тој.