Претседателот на Социјалдемократскиот Сојуз, Димитар Ковачевски, на вечерашниот митинг одржан во Крушево, ги повика граѓаните кои се одлучиле да не излезат на гласање во првиот круг, да гласаат на 8-ми мај, на парламентарните избори и вториот круг од претседателските.
„СДСМ им подава рака и ги повикува сите прогресивни сили на мобизација на 8-ми мај. Да не дозволиме државата да застане, да се врати назад во темното режимско минато, во времето на внатрешни конфликти и поделби.Во време кога и вие добро знаете кога полициски началници ви шетаа по градот по цели две недели додека се одржуваат избори за да може да контролираат како ќе гласаат под присилност граѓаните. Вие тоа најдобро го знаете во Крушево и затоа не дозволувате да ве газат како што ве газеа 11 години“, порача Ковачевски.
Ковачевски во своето обраќање рече дека знае дека изборите на 8-ми мај дека ќе бидат тешки и се подготвени на сѐ, но дека нема откажување од европската иднина и од борбата за подобар резултат.
„Јас знам дека изборите на 8-ми мај ќе бидат тешки. Ние сме подготвени за резултатот на изборите, но во ниту еден момент не помислуваме да се откажеме од борбата, затоа што конечниот резултатот не е оној од пред четири дена, туку тој што ќе го добиеме на 8-ми мај.Знам дека голем број граѓани сè уште немаат одлучено кому да го дадат својот глас. Затоа ги повикувам убаво да размислат кој заслужува да ја води државата. Убаво да размислат дали сакаат да гласаат „за“ или сакаат да гласаат „против“. Гласањето „против“ не ѝ носи добро на Македонија. Само ако гласаме „за“ може да одиме напред и да изградиме подобра држава за нашите деца, држава во која тие ќе сакаат да живеат“, рече претседателот на СДСМ, Ковачевски.
Ковачевски се обрати на членовите и симпатизерите на СДСМ со порака дека е поголемо задоволството да се бориш со својот политички и идеолошки противник, отколку да се свртиш и да се бориш против своите, што според него, е многу полесна опција.
„Тоа е јалова борба, во која никогаш нема победник а тој што се борел против своите си оди дома како најголем губитник. Затоа, ние избравме да се бориме со идеи, со визија, со конкретни проекти, а не со кавга со довчерашните сојузници и истомисленици. Основната цел на нашата програма е брзи и успешни преговори со ЕУ, затоа што знаеме дека само на тој начин може да обезбедиме повисок животен стандард, поефикасна борба против криминалот и корупцијата, подобро образование и здравство и подобро владеење на правото“, рече Ковачевски и додава дека во програмата на СДСМ се предвидени многу издржани и конкретни мерки за подобрување на животот во Македонија.
„Не дозволувајте сејачите на магла од Белата палата на ВМРО да манипулираат дека тие владееле подобро. Кое е нивното подобро? Дали е подобро повеќе од 1,5 милијарда евра потрошени за криминалниот проект Скопје 2014 кои ние моравме да ги враќаме со еврообврзници?
Дали нивното подобро се заробените медиуми, замолчените вработени во јавниот сектор, натепаните студенти? Тоа ли е нивното подобро?Тие вложуваа во жални врби, ние вложувавме и ќе продолжиме да вложуваме во вас, граѓаните“,порача Ковачевски од Крушево.
Тој ги повика, граѓаните убаво да размислат кому ќе го дадат гласот на изборите на 8-ми мај, затоа што тој глас е клучен за иднината на државата.