Ковачевски си платил реклама на Фејсбук за да добие повеќе следбеници

by fokus

Заследете ја официјалната страница на Димитар Ковачевски, Претседател на Владата на Република Северна Македонија, гласи огласот кој изминатиот период често им се појавува на корисниците на популарната социјална мрежа Фејсбук, а за кој е наведено дека е спонзориран и платен од Димитар Ковачевски.

Политичарите и носителите на јавни функции веќе со години наназад ја сфатија моќта на интернетот, и повеќето од нив се трудат максимално да го искористат потенцијалот на социјалните мрежи.

Речиси сите македонски политичари имаат приватен, но и професионален профил на повеќе платформи, преку кој ја информираат јавноста за актуелните случувања од општествен интерес.

Конкретно, на профилот на Ковачевски, кој беше избран за претседател на владеачката СДСМ на 12-ти декември 2021 година, а стана премиер во јануари 2022 година, пишува дека е креиран во октомври 2020 година.

Засега премиерот има околу 32.000 следбеници, а тој следи 169 профили, помеѓу кои и на Зоран Заев, Стево Пендаровски, Оливер Спасовски, Венко Филипче, Никола Димитров и други политичари, но и повеќе медиуми, министерства и амбасади.

Неговиот претходник Зоран Заев пак, на официјалната страница има околу 241.000 следбеници, лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски има околу 101.000 следбеници, а пак претседателот Стево Пендаровски околу 98.000 следбеници.

Да се спонзорира, односно да се плати реклама на Фејсбук не е нешто ново, дури и кога се политичарите во прашање. Со поголемиот број на следбеници, нивните пораки побргу се пренесуваат до поголем број на луѓе, полесно доаѓаат до помладите генерации, и Фејсбук, Инстаграм и Твитер се сметаат за платформи кои помагаат во споделување на иницијативи, давање на идеи, како и начин за побрзо решавање на многу проблеми.

Според информациите објавени на официјалната страница на Фејсбук, спонзорираните објави, односно рекламирањето на страници, изнесува од пет долари, па нагоре, во зависност од барањата на корисникот, од тоа колкав опфат ќе има неговата реклама и до колку луѓе би можела да дојде.

За разлика од пред десеттина години, кога на социјалните мрежи политичарите ретко креираа свои профили, или пак и оние кои ги имаа, истите ги користеа единствено како средство за себепромовирање, но не и како средство за непосредна комуникација со граѓаните, денес состојбата е сосема поразлична.
Многу од јавните функционери неретко одговараат на коментарите од граѓаните и се впуштаат во дијалог со нив, со цел да се изнајде решение за некоја актуелна состојба.
Како единствен политичар, кој иако присутен на јавната сцена кај нас со децении наназад, а кој се уште нема свој социјален профил, е поранешниот градоначалник на Кавадарци и актуелен пратеник, Панчо Минов.

Вики Клинчарова

Поврзани новости