Ковачевски-Шолц: Северна Македонија да го продолжи европскиот пат, имаме силно охрабрување и поддршка од Германија

by Fokus

Премиерот Димитар Ковачевски од германскиот канцелар Олаф Шолц добил силно охрабрување и поддршка за реализација на следниот чекор кон пристапувањето во ЕУ на Самитот на лидери на Берлински процес, што се одржува во Тирана, Албанија.

Тие имале средба по завршувањето на вчерашните работни сесии на Самитот, информираат од кабинетот на Ковачевски.

На средбата на која присуствуваше и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ се разговараше за европската перспектива на Северна Македонија и актуелните случувања во регионот, при што премиерот Ковачевски го информираше канцеларот Шолц за политичките случувања во земјата врзани со пристапните преговори на Северна Македонија со Европската Унија.

„Напорите на Владата на Република Северна Македонија за продолжување на евроинтеграцискиот процес беа поздравени и препознаени како позитивен исчекор и напредок во исполнувањето на критериумите за пристапување. Исклучително е важно Северна Македонија да го продолжи европскиот пат и земјата да постигне консензус за стратешките прашања кои се од интерес на граѓаните“ додаваат од владиниот кабинет.

Премиерот Ковачевски истакна дека не смееме да ја пропуштиме оваа неповторлива шанса која ја имаме, и треба да го дадеме нашиот глас за Европа. Потенцираше дека на Северна Македонија ѝ е потребна интеграција, а не изолација и дека гласот во парламентот за уставните измени е глас за европската иднина на Северна Македонија.

Соговорниците се согласија дека забрзувањето на интегративните процеси е во интерес на политичката, безбедносната и економската стабилност на целиот регион. Пристапувањето и крајно, членството во ЕУ значат економски и општествен развој, социјална правда, врвна демократија, функционално владеење на правото, како и севкупно подобрен животен стандард.

Премиерот Ковачевски изрази благодарност за досегашната принципиелна поддршка и посветеност од Германија како еден од нашите најблиски сојузници, како во процесот на пристапните преговори, така и преку Берлински процес како катализатор на регионалната соработка, чија цел е ги поврзе земјите од Западен Балкан и Европската Унија и да помогне да градат меѓусебни односи врз основа на европските вредности. Лидерите разговараа и за конкретните придобивки од Берлинскиот процес преку кој ќе се продолжи и со подигнување на нивото на политичка соработка, што за Северна Македонија и регионот претставува многу значаен елемент на патот кон евроинтеграциите.

Премиерот Ковачевски и канцеларот Шолц разговараа и за најважните аспекти на билатералната соработка на Германија и Северна Македонија. Германија останува еден од најпосветените партнери и држава која дава огромна поддршка на земјите од Западен Балкан за интеграција во ЕУ.

Поврзани новости