Да кажеме категорично НЕ за антисемитизмот, расизмот, ксенофобијата и кои било облици на нетолеранција, напиша претседателот на Владата, Димитар Ковачевски во пораката по повод Меѓународниот ден на сеќавањето на жртвите од холокаустот.
Во пораката премиерот вели дека овој ден е „ехо на ужасната загуба на преку шест милиони невини деца, жени и мажи, меѓу кои и 7144 македонски Евреи, во логорот на смртта Треблинка и порака дека вакви злодела никогаш повеќе не смее да се повторат“.
– Наша цивилизациска одговорност денес е да градиме свет во којшто има место за сите. Република Северна Македонија успешно се развива во Едно општество за сите, со еднакви права, слободи и обврски за сите граѓани и со нашиот пример ќе продолжиме да ја испраќаме пораката дека различностите не се пречка, туку богатство, наведува Ковачевски во пораката.