Ковачевски: Северна Македонија беше препознавана како рај за евтина работна сила!

by Fokus

Минималната плата за само четири и пол години порасна за 100 отсто, односно двојно, додека стапката на невработеност денеска изнесува најниски 15,7 отсто, истакна премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски во гостувањето во емисијата „200“ на телевизија Алсат.

– По неколку седници на економско-социјалниот совет, Владата, Синдикатот, работодавците, постигнавме договор за зголемување на минималната плата, јас секогаш сум бил застапник да трудот на работниците треба да се вреднува и дека минималната плата е нешто што треба да биде над прагот на сиромаштијата, рече Ковачевски.

Посочи дека пред доаѓањето на Владата на СДСМ, Северна Македонија била препознавана како рај за евтина работна сила и доаѓале инвеститори на кои што им се нуделе работници за плата од 9.000 денари.

– Во тоа време беа потребни четири минимални плати за покривање на една потрошувачка кошничка, денес после 100% зголемување на минималната плата имаме намален број на невработени лица, значи историски најмала стапка на невработеност од 15,7 отсто, и денес, потрошувачката кошничка се покрива со две плати, истакна Ковачевски.

Тој ја повика опозициската ВМРО-ДПМНЕ во Собранието да се откаже од блокадите на измените на Законот со кој 4.700 наставници во основното и средното образование ќе добијат трансформација на работниот однос, а со тоа и повисоки плати.

Поврзани новости