Премиерот Димитар Ковачевски оствари билатерална средба со грчкиот колега Киријакос Мицотакис во Прага. За време на разговорот двајцата премиери уште еднаш ја потенцираа важноста од соработката во енергетскиот сектор, за која се согласија дека има голем потенцијал ако се земат предвид заедничките проекти за изградба на терминалот за течен нафтен гас во Александруполи, како и гасното поврзување помеѓу двете земји.
Ова е втора средба која се случува по само неколку недели откако премиерот Ковачевски ја предводеше македонската делегација во Атина каде, меѓу другото, беше договорено непречено снабдување со лигнит и јаглен што доаѓа од рудниците во Грција.
-Заедничките енергетски проекти се од значење за Република Северна Македонија како нови извори за снабдување со гас како поеколошки и поевтин енергенс, како и од можноста да стане регионален центар за натамошен транзит и дистрибуција на гасот на земјите од регионот, наведува прес-службата на Владата на Северна Македонија.