Денеска се потврди се што како претседател на Владата и како коалиција го зборувавме. Недвосмислени беа пораките од претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел дека 2030 би можела да биде година на проширување на ЕУ, изјави за МИА премиерот Димитар Ковачевски по учеството на Бледскиот стратешки форум.
-Денес навистина беше ден кога практично се потврди она што и јас како претседател на Владата, меѓутоа и членовите на Владата го зборуваат дека сега е моментот кога се отворени вратите за влез во ЕУ. Недвосмислени беа пораките и од претседателот на Европскиот совет, господинот Мишел, меѓутоа како што кажавте и самите и од премиерот на Хрватска, претседателот на Словенија во однос на потребата од проширување на ЕУ. Па дури и 2030 година беше определена како година во која што треба да се направат сите напори за да се случи следното проширување, изјави премиерот Ковачевски.
На овој форум, претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел ја посочи 2030 како година кога би можело да се случи следното проширување на Унијата, а неговиот говор беше посочен како многу значаен за земјите од регионот.