„Се потврди дека единствена идеологија на ВМРО-ДПМНЕ е блокада и изолација, тоа проевропските граѓани нема ниту да го заборават, ниту да го простат. ВМРО-ДПМНЕ покажаа дека немаат никакви аргументи, дека немаат идеја за дискусија. Покажуваат дека се подготвени да ја блокираат иднината на граѓаните само заради лични цели. Како да очекуваме дека ќе водат дебата со меѓународната заедница. Нивна цел не е нов договор, нивна цел е да блокираат и да ги спасат сопствените политички кариери. Јасно е дека граѓаните сакаат да живеат во ЕУ“ рече попладнево на прес-конференција премиерот Димитар Ковачевски придружуван од сите владини министри.
Тој напомена дека „Р.С. Македонија заслужува да биде членка на ЕУ, до 2030 година, тоа е нашата иднина“.
„Паметиме како ВМРО-ДПМНЕ ја изолираше земјата на нејзиниот пат во ЕУ и како гласаше против членството во НАТО. Немаме намера да подлегнеме на сето ова. Нема да дозволиме граѓаните, државата, да се блокира од ВМРО-ДПМНЕ. Работиме да обезбедиме мнозинство да се обезбеди европскиот пат на државата“ рече Ковачевски.
На прашање дали има единство во партијата и коалицијата, премиерот рече дека има единство.
„Дискусијата ќе се води со ВМРО-ДПМНЕ како и досега, на сите нивоа. Нашите граѓани сакаат да живеат во ЕУ како Македонци, Албанци, Турци, а не да живеат во ЕУ со пасоши на туѓи држави. Дента кога ќе станеме членка на ЕУ ќе ги земеме сите пасоши на граѓаните кои ги зеле за да работат во земји од ЕУ и ќе им ги вратиме на земјите од каде се земени“ порача Ковачевски.