„СДСМ има многу јасна програма која што е продолжување на се она што го направивме добро“, порача претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македoнија, Димитар Ковачевски, во интервју на телевизија Тера.
Ковачевски потенцираше дека Владата предводена од СДСМ ги зголеми пензиите досега за 55%, минималната плата за три пати се зголеми, просечната плата е двојно зголемена.
„Минималната плата беше 8.000 денари денес е 22.500 денари, просечната плата беше 20.000 денари, сега е 40.000 денари, пензиите се не само зголемени туку имавме и два пакети за помош од 3000 денари за пензионерите со пониски примања“, рече Ковачевски.
Во однос на четиригодишната програма на СДСМ, Ковачевски посочи дека продолжуваат мерките за раст на платите и пензиите.
„Во новата програма предвидуваме уште поголеми плати и пензии, бидејќи знаеме дека не е доволно, знаеме дека е голема криза. Просечната плата ја проектираме на 1.100 евра, минималната плата на 600 евра, просечната пензија на 30.000 денари, минималната пензија на 20.000 денари. Предвидуваме зголемување на финансиската поддршка за домашните компании. Знаете дека до 2016 година не постоеше поддршка за домашните компании, само странските компании беа поддржувани. Ние воведовме Закон за поддршка на домашните компании за инвестиции. Вложивме 100 милиони евра, што активираше процес на инвестиции од половина милијарда евра. На тој начин се отворија 5 илјади работни места. Планираме таа помош да се зголеми на 180 милиони евра“, рече Ковачевски.