Ковачевски: Само на Балканот има граници, а не ни се потребни!

by Фокус

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, по денешната средба со Еди Рама и Александар Вучиќ во Бардолино, Италија, каде остварија трилатерална средба во рамки на Отворен Балкан, рече дека докажано е дека Отворен Балкан дава резултати за луѓето и за бизнисите.

-Се докажа дека тоа што го повторуваме цело време, дека Отворен Балкан не е политичка иницијатива, напротив, тоа е економска иницијатива, базирана на четирите слободи, на коишто е базирана ЕУ, слободно движење на луѓе, добра, услуги и капитал. И се докажа низ бројки, како Александар и Еди што кажаа, и јас ќе кажам уште бројки, дека трговијата на Северна Македонија со Србија во 2022 година во споредба со 2019 година е зголемена за 53 проценти. Исто така, трговската размена на Србија е зголемена со Северна Македонија – рече Ковачевски.

Тој посочи дека 40 отсто е зголемена трговската размена на Северна Македонија кон Албанија, а зголемена е и размената на Албанија кон Северна Македонија.

-Кога одите на север од Србија сè до Скандинавија, немате граници. Кога одите на запад од Србија до Португалија, нема граници. Единствените граници се на Балканот. Податоците кои претседателот Вучиќ ги сподели со нас дека 70 отсто од транспортот е поминат на граница, е, исто така, податок споделен од Светската банка. Нам не ни се потребни граници бидејќи ги спречуваат луѓето да комуницираат меѓу себе – рече Ковачевски.

Поврзани новости