Премиерот Димитар Ковачевски, пред официјалниот почеток на неформалниот состанок на лидери на НАТО сојузници од регионот, во изјава за медиумите, посочи дека одржувањето на овој состанок токму во Скопје, е уште една потврда дека Северна Македонија е ценет партнер во НАТО и фактор на стабилност во регионот.
„Сакам да посакам добредојде уште еднаш на генералниот секретар на НАТО, Столтенберг. Драго ми е што Северна Македонија денес е домаќин на неформалниот состанок на лидери на земјите членки на НАТО од регионот, на којшто уште еднаш се потврдува нашата улога како фактор на безбедност во регионот, меѓутоа и како земја членка на НАТО којашто е една од членките која целосно и посветено се насочени кон исполнување на своите обврски како дел од НАТО Алијансата” – рече Ковачевски.
Тој изјави дека на денешниот неформален состанок со лидерите на НАТО сојузници од регионот, ќе разговараат за актуелни прашања за нашиот регион и нашата посветеност, како Алијанса, кон неговата стабилност и безбедност, како и за други важни прашања од интерес на Алијансата.
„На денешниот состанок ќе разговараме за регионалните безбедносни прашања, но секако дека ќе разговараме и за клучните теми во однос на војната во Украина, конфликтот кој се води во појасот Газа како и за сите други прашања кои се однесуваат на градење на долгорочен мир, безбедност и стабилност во нашиот регион, меѓутоа и во Европа и во Светот. Благодарност уште еднаш до генералниот секретар” – додаде Ковачевски.