Ковачевски: Русија е наш партнер, но ќе дејствуваме во согласност со НАТО

by fokus

Русија е наш трговски партнер, со кој имаме размена на одредени производи и услуги, но нашите одлуки ќе бидат во согласност со одлуките коишто се носат на ниво на НАТО, вели премиерот Димитар Ковачевски во интервју за МИА на прашањето колку е важно земјава да одржи умерени и добри односи со Русија колку и да сме западно ориентирани.

-Нашите односи со Русија може да ги гледаме на два начини. Прво Русија е наш трговски партнер, со кој имаме размена на одредени производи и услуги. Меѓутоа другиот аспект е што ние сме земја членка на НАТО. Ние комплетно ги почитуваме одредбите од Вашингтонскиот договор и како земја членка на НАТО ние сме дел од најголемиот одбранбен воен сојуз во светот и сите наши одлуки ќе бидат во согласност со одлуките коишто се носат на ниво на НАТО. И кога ги гледаме изјавите на другите членки на НАТО тие се во согласност со одредбите на Вашингтонскиот договор и носењето на одлуки во НАТО, вели Ковачевски.

Според него, земјава е дел од НАТО, учествува во носењето на одлуките на НАТО и се придржуваме до тие одлуки се разбира.

-НАТО е најголемиот одбранбен сојуз којшто се грижи за безбедноста за своите земји членки. Исто така, ја реафирмиравме нашата позиција дека треба да дојде до деескалација на тензиите во регионот на Украина и дека Русија треба да се вклучи во дијалогот НАТО-Русија, кој ќе се води на повеќе различни теми. Исто така го почитуваме територијалниот интегритет и суверенитет на секоја држава вклучително во овој случај и Украина, и се придржуваме до одредбите од Обединетите Нации на оваа тема, додава Ковачевски.

Поврзани новости