Ковачевски: Расте интересот за осигурувањето за поголема сигурност кај граѓаните и компаниите

by Fokus

Осигурувањето е важно средство кое обезбедува сигурност при решавање на разните предизвици со кои се среќаваме, при совладување на последиците од климатските непогоди, покривање на потребите за школување, потреба од здравствените услуги и стандарди или обезбедување на спокојни пензионерски денови, истакна премиерот Димитар Ковачевски, кој денеска присуствуваше на настан по повод одбележување на Националниот ден на осигурувањето – 1 Ноември, во организација на Агенцијата за супервизија на осигурувањето.

„Охрабрува фактот што во нашата држава расте интересот за осигурување, а според бројките најголем е интересот за каско осигурувањето, како и за приватното здравствено осигурување, но и за другите видови. Најновите трендови препорачуваат осигурување од одговорност согласно дејноста, но и се наметнува потребата од справување со современите предизвици, како што се ризиците од сајбер нападите.

Од друга страна, расте и исплатата од осигурителните компании по разни основи. Само за илустрација, според прелиминарните податоци, во споредба со месец август од минатата година, осигурениците наплатиле 22% повеќе односно 57 милиони денари или над 930 илјади евра. Голем дел од исплатата, се однесува на медицински трошоци.

Додека, сопствениците на моторни возила, од штетите покриени со каско осигурување наплатиле над еден милиони евра. Обештетување од 100.000 евра добиле повеќе од 500 лица и тоа во доменот на патничко осигурување“ изјави Ковачевски.

Тој нагласи дека расте и свеста кај граѓаните за значењето и за придобивките од осигурувањето и бенефитите кои тоа ги носи.

„Развивањето на свеста за обезбедување сигурност преку договорите за осигурување е дел и од политиката на ЕУ. Во таа насока, секоја заложба во овој правец е со цел обезбедување економска стабилност, сигурност и благосостојба на граѓаните и компаниите.

Сметам дека е навистина од големо значење тоа што денеска зборуваме за тоа како растот на осигурувањето да го трансформираме во долгорочен развој бидејќи само така ќе ги промовираме потенцијалите на оваа област, но и ќе ги презентираме можностите пред овие млади луѓе кои денес се тука со нас. Токму тие и нивната неисцрпна енергија се носителите на нашиот развој и носителите на нашата иднина“ додаде тој.

Поврзани новости