Соработката, регионалната, така и меѓународната, во сите области е клучна за напредок во сите области, не само во економијата, трговијата и инвестициите, туку и посебно во борбата против криминалот и спроведувањето на законот, како што беше покажано и при вчерашното успешно расчистување на грозоморното двојно убиство што ја потресе Северна Македонија, регионот, но и меѓународната јавност, истакна денеска во Брисел македонскиот премиер Димитар Ковачевски.
Тој се осврна и на случајот со минатонеделното двојно убиство, нагласувајќи дека тоа ја покажува важноста на меѓународната соработка која земјата ја има со партнерите од ЕУ и со земјите од регионот. Потсети дека согласно доказите кои полицијата ги прибра во предистражната постапка врска со овој случај, веќе се поднесени кривични пријави против пет лица, од кои едно е осомничено за грабнување и убиство, три за грабнување и соизвршителство околу убиство и едно за помагање за грабнување.
– Вчеравечер нашиот министер за внатрешни работи (Оливер) Спасовски, доби известување од колегите од Република Турција дека креаторот и директниот извршител на злосторството е фатен и лишен од слобода на нивна територија, согласно оперативните сознанија кои ги имаше нашата полиција за патеката на движење на осомничениот откако ден претходно, на 4 декември 2023 година, беше распишана итна меѓународна потерница од страна на ИНТЕРПОЛ – истакна Ковачевски.
Упати благодарност за успешната партнерска соработка до Турција, Србија и Бугарија, преку чии територии се движел осомничениот, како и до Хрватска, која самоиницијативно изврши проверка на нејзината територија и ги извести партнерските служби со земјава и за досегашната одлична соработка во рамките на ИНТЕРПОЛ.