Го потпишав полномошното со кое што го овластувам министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски да го потпише договорот со Фронтекс со европскиот комесар од Европската унија и тоа ќе биде направено, изјави вечерва во Битола, претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски.
На трибината „Силно и одлучно кон иднината“, лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски потврди дека првиот документ со ЕУ ќе биде потпишан на македонски јазик.
-Стануваме дел од Европската унија како Македонци со македонски идентитет кои зборуваат македонски јазик. Македонски јазик признат и заштитен е, без фусноти или какви било додавки или појаснувања. На таков македонски јазик со чиста формулација ќе биде потпишан првиот документ со ЕУ договорот со Фронтекс. И еве сега во Битола го кажувам првпат, пред да тргнам за Битола од Скопје го потпишав полномошното со кое што го овластувам министерот за внатрешни работи Спасовски да го потпише договорот со Фронтекс со европскиот комесар од Европската унија и тоа ќе биде направено, истакна премиерот Ковачевски.