Ковачевски: Прв пат има опасност ветото да дојде од внатре

by Fokus

За првпат има опасност вето да не дојде од надвор, туку од внатре – премиерот ги изнесува своите стравувања во пресрет на утрешната пленарна седница во Собранието за уставните измени.

Димитар Ковачевски, кој по неколку седмици пауза се појави во јавноста и тоа токму пред политичкиот „Ден Д“ ги повтори своите и аргументите на власта дека предложените амандмани се технички и на каков било начин не задираат во идентитетските одредници на македонскиот народ, нешто што опозицијата го тврди.

„Во однос на амандманите немаше ниту една забелешка – тие беа презентирани пред невладините, пред академската заедница, пред партиите и никој немаше забелешка на текстот зашто тие амандманите не задираат во кое било друго прашање на македонскиот народ. Затоа, мислам дека десетдневната дебата во собранието е добра можност за граѓаните да се уверат дека е процес кој е остварување на стратешка цел – членство во ЕУ. Ќе повторам ветото дека може да дојде не од надвор туку од внатре“, рече Ковачевски.

Вели дека не ги разбира образложенијата на ВМРО-ДПМНЕ зошто не би дале поддршка, но во денешниот настап, Ковачевски како да остави простор за оптимизам.

„Верувам дека Северна Македонија која покажала дека може да донесе одлуки, многу пати неправедни, а тоа сме го правеле за доброто на иднината на нашите граѓани, а притоа секогаш сме се воделе од оставениот аманет за заштита на македонскиот јазик и идентитет, а со тоа сме оврзани и со заклучоците од Собранието“.

Одговорот брзо дојдe.

„Уставни измени нема да има, Ковачевски нема пратеници за промена на Устав, време е Ковачевски да се исели од владата, а не народот од државата“, му порачаа од ВМРО-ДПМНЕ во соопштението по неговта изјава.

Пред собранието настапија и лидерите на албанските опозициски партии Алтернатива, Беса, и Демократското движење, Африм Гаши, Билал Касами и Изет Меџити и побараа во уставните измени да влезат и амандманите за албанскиот јазик и за незастарување на случаите на политичка корупција.

 

 

 

Поврзани новости