Премиерот Димитар Ковачевски на панел-дискусијата на тема: „Економските придобивки од интеграцијата во ЕУ за компаниите и граѓаните во Северна Македонија“ говореше за владините политики за унапредување на животниот стандард на граѓаните и придобивките кои процесот на евроинтеграција, на европеизација на општеството ги носи со членството на С. Македонија во Европската Унија.
„Ја започнавме оваа кампања за да се фокусираме на детални и конкретни објаснувања, факти, за сите придобивки од нашето зачленување во Европската Унија. Но не само од директното членство, туку и придобивките кои процесот на евроинтеграција, на европеизација на општеството ја носи за нас. Затоа денеска ќе зборуваме како конкретно и преку примери и проекти продолжувањето по европскиот пат и членството во ЕУ ќе се одразат на натамошното унапредување на животниот стандард на граѓаните, на развојот на бизнисите, а со тоа и на економската стабилност на државата на долг рок. Целта не ни е да убедуваме, затоа што мнозинската волја за ЕУ е јасна. Целта е да доинформираме, што навистина значи евроатлантската определба и што реално следува на патот и откако ќе ја реализираме и втората стратешка цел – членство во ЕУ, а по членството во НАТО. По членството во НАТО следува Европа дома!“ рече премиерот.
Тој смета дека „граѓаните и компаниите веќе ги чувствуваат придобивките од евроатлантската ориентација во изминативе шест години. Но тие многукратно ќе се зголемат, со активното продолжување на европските интеграции и полноправното членство“.
„Тоа што успеавме просечната и минималната плата да ги зголемиме за 50 односно 100 проценти од тоа што беа, е резултат пред сѐ на добрите политики но и на нашата цврста определба за евроатланска интеграција. Искуствата велат дека со членството во ЕУ платите и пензиите ќе се зголемат меѓу 70-90 проценти и тоа е за очекување дека ќе се случи и за нас. Евроатлантската ориентација на нашата држава донесе највисоко ниво на странски директни инвестиции од 754 милиони евра, во најкризната година 2022, затоа што инвеститорите сакаат стабилен и безбеден амбиент за вложувања. Имаме, речиси двојно повеќе странски директни инвестиции од 2016 година, кога изнесуваа 338 милиони евра. Со интеграција во ЕУ, ние од нашите странски партнери и инвеститорите ќе добиеме дополнителна доверба, што ќе рефлектира со драстично поголем број на инвестиции во државата“ вели Ковачевски.
Тој порача дека „Владата, во овие 6 години, со 100 милиони евра државни пари, поддржа 919 домашни компании за нивните инвестициски циклуси, со реализирани 500 милиони евра инвестиции“.
„Јасно е видлива разликата на времето кога државата беше во меѓународна изолација и денес, кога сме членка на НАТО и одиме по јасно трасиран пат на преговори со ЕУ. Имаме рекорден број инвестиции, нови работни места и рекордно намалување на невработеноста, повисоки плати, пензии, највисока историска минимална плата, највисока историска просечна плата, три пати поголема социјална помош како и најголема историска државна помош за домашните компании како за одржување на ликвидноста така и за нови инвестиции во компаниите“ вели премиерот Ковачевски.
Тој порача „генерации во државава пораснаа со чувството и желбата што поскоро да се стане дел од ЕУ, а сега таа шанса е пред нас. И граѓаните од нас очекуваат да ја реализираме. Јас ве уверувам сите, дека Република Северна Македонија ќе стане, до 2030 година европска Република Северна Македонија“.