Со блокирање не се прави штета ниту на Владата, ниту на Собранието, се прави единствено штета на компаниите, на граѓаните и на државата. Ги повикувам сите пратеници да бидат на ниво на својата задача бидејќи, како што рече, тие не се избрани од претседател на политичка партија која добива наредби од Будимпешта, како да се однесува и што да прави. Пратениците треба да бидат одговорни бидејќи тие се избрани од народот и треба да работат за потребите и за унапредувањето на животот на граѓаните, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски по посетата на германската компанија од автомобилската индустрија „Маркарт“ во велешкото село Долно Каласлари.
Ковачевски нагласи дека е отворен и Владата е отворена за соработка. За Парламентот вели дека се одвива најнормална парламентарна дебата во која што учествуваат сите политички партии, а тој има дневни контакти со претставници на политички партии.
-Што се однесува до соработката во Парламентот и во однос на најавите на опозицијата, јас кажав вчера и пред тоа дека се работи за еден исклучително неодговорен однос, значи неодговорен инфантилен однос од страна на претседателот на опозицијата којшто класично врши мобинг на неговите пратеници да блокираат во Собрание, нешто што не треба да се блокира. Собранието треба да претставува место каде што се носат закони, каде што се унапредуваат закони бидејќи тие закони не се носат ниту за Владата, ниту за политичките партии. Тие закони се носат за граѓаните и за компаниите коишто ја унапредуваат оваа држава, изјави Ковачевски.
Тој посочи дека во Собранието веќе има неколку закони кои се подготвени со измени на барање на инвеститори, а законските измени ќе овозможат забрзување на производствениот процес и на логистичките процеси, ќе ја зголеми продажба, а тоа ќе значи зголемување на бројот на работни места и зголемување и на платите на постојните вработени.
-СДСМ е партија која што докажала дека секогаш низ дијалог ги носи своите политики, бидејќи сме докажале дека Собранието секогаш сме го користеле како место за дебата за разлика од ВМРО-ДПМНЕ коишто денес блокираат, а во минатото истото тоа Собрание во неколку наврати го имаат користено и како место за насилство, нагласи Ковачевски.