Потребен е национален, општествен консензус за конечно да ја постигнеме стратешката цел, Северна Македонија да стане членка на ЕУ, вели премиерот Димитар Ковачевски во интервју за МИА.
-Пратениците сега имаат, би рекол најважна задача, а тоа е да обезбедат европска иднина и перспектива на земјата на граѓаните кои им го дале мандатот. Не само Владата, не само опозицијата, туку целото општество, треба да сме посветени на евроатлантските интеграции на Северна Македонија. Потребен ни е национален општествен консензус за конечно да ја постигнеме стратешката цел, Северна Македонија да стане членка на ЕУ – рече Ковачевски.
Тој очекува, како што вели, искрена, квалитетна и плодна парламентарна дебата „низ која ќе се разјаснат сите аргументи, со цел сите заедно да дојдеме до една натпартиска одлука, со која ќе ја покажеме нашата сериозност и одговорност пред моментумот кој тешко дека ќе се повтори“.
-Уставните измени не се ничиј диктат, ниту пак нечиј поединечен предлог, туку се дел од преговарачката рамка на Република Северна Македонија со Европската Унија. Ни повеќе ни помалку – порача премиерот.
Во однос на можноста за нови блокади од Софија и доколку се донесат уставните измени, Ковачевски е на став дека понатамошните барања ќе се однесуваат на реформите.
-Така што нема простор да размислуваме во насока дека влегуваме во вртлог на нови барања. Барањата понатаму ќе се реформи. Процес во кој ние се трансформираме и повторно ќе носиме сериозни и тешки одлуки кои ќе обезбедат подобар живот за граѓаните – нагласи тој.